Наставниците проговорија за проблемите во ОУ „Мурат Лабуништи“понеделник, 02 јули 2012
Под силни притисоци, закани и уцени, наставничкиот Совет во основното училиште „Мурат Лабуништи“ од Лабуништа го поништи изборот на членовите во Управниот одбор, назначени пред 2 месеца, на нивно место поставувајќи нови. Велат половината од присутните наставници кои го напуштиле состанокот. Тврдат дека се манипулира со 30-тината наставници кои и по три години работат без решенија.
„Избраните членови во УО, едниот од нив е 9 месеци на работа, без никако решение, кој што прво вработување му е ова и буквално не ја знае проблематиката, нити задачите, нити задолженијата на УО нити тежината. Со оглед на тоа дека училиштата во општина Струга се над законот, јас буквално нити едно сценарио не можам да предвидам розово освен црно“, изјави Решат Асланоски, професор по одделенска настава.
Спротивно на законот, се реализирале екскурзии по висока цена , од учениците се собирале по 300 денари за да се купи опрема за видео надзор во училиштето, пари се собирале и за друга намена. Наставниците проговорија за незаконското работење на раководството.
„Дел од одделенските раководители со амин на директорот прибираа по 50 ден за сведителство.Имаше на одделенскиот совет поправање на оценки без согласност на одделенскиот наставник“, изјави Сафет Демиралиески, наставник по математика.
Во претставката што ја испратиле до сите надлежни институции стои и дека: незаконски и на своја рака се изведува образование на албански јазик,од наставници кои не го владеат јазикот туку и самите го изучуваат одејќи на курсеви.
Директорот на училиштето Мухамед Селмани на обвинувањата одговори дека се работи за опструкции.
Надица Николоска од државниот просветен инспекторат потврди дека денеска добила претставка од наставниците во Лабуништа по која веднаш ќе постапеле.
Росица Голабоска
http://vesti.alfa.mk/default.aspx?mId=36&eventId=51820#.T_Nq8jWv001.facebook