Учениците од основното училиште „Мурат Лабуништa“-Лабуништа едно од најголемите училишта во Р.М. ги згрижија птиците
Еколошката секција што работи во основното училиште во Лабуништа, одговори на повикот за пласирање идеи за подобрување на условите за живот во регионот на планината Јабланица и аплицираше со својот проект „Заштита и гнездење на птиците во атарот на населбата Лабуништа.
Поради големите промени во животната средина, предизвикани од различни причини, сведоци сме на честа појава на исчезнување на одредени животински видови и се јавува потреба од навремено преземање чекори за заштита и за негување на незасегнатите, загрозени видови.
Учениците што членуваат во еколошката секција, предводени од наставниците Јулијана Ристевска и Емин Мемишоски, изработија гнездилишта-засолништа и ги поставија на соодветни локации за да помогнат во создавањето природни услови за зголемувањето на популацијата на птиците, а истовремено кај учениците да се поттикне љубовта и грижата кон нив.
Во текот на целиот период од ангажманот на учениците за овој проект е извршена и набавка на материјал за изработка на куќички (гнезда), кои потоа се поставени на одредени, однапред определени локации. Децата, исто така, изработија и патокази, кои подоцна ги поставија, а набавија и материјал за изработка на куќички за лилјаци. Набавен е и материјал за едукација, тој е отпечатен, презентиран пред учениците преку современи нагледни средства (видеобим, брошури, постери, флаери) за надгледување на активностите од страна на учениците.
Сите потребни средства ги обезбедија Македонското еколошко друштво и организацијата „Еуронатур“.
Целта на овој проект, што се одвиваше во текот на второто полугодие, беше да се подигне свеста кај младите за негување и за љубов кон птиците, грижата за нивната заштита и размножување, а тоа ќе придонесе за зголемување на популацијата на птиците во атарот на Лабуништа.
Во проектот беше вклучено и шумското стопанство „Јабланица“ од Струга, кое овозможи правилно движење низ шумата, а некои организации помогнаа преку своите донации. Меѓу нив е и ловечкото друштво „Дримкол“ од Лабуништа, чии членови се големи љубители на природата.
Македонското еколошко друштво и „Еуронатур“ ги избраа најдобрите меѓу учениците-екологисти, а како награда на еколошката секција и беа доделени парични средства за продолжување на активностите.
Учениците и нивните наставници се обврзаа дека ќе продолжат со работата и во текот на наредната учебна година и оти ќе се залагаат во реализацијата на проектот да вклучат уште повеќе ученици, наставници и жители од населбата.