Алиреза од Техеран по 72 години во Лабуништа ги најде корените на татка си
ЛАБУНИШТА - Осумдесетгодишниот Арслан Мустафоски од струшкото село Лабуништа деновиве дочека да го прегрне внукот од брат Шабан, кој во далечната 1930 година заминал на гурбет со мистријата и фанглата в раце, дури во далечната Персија, денешен Иран, оставајќи дома жена и четири ќерки - Рахиме, Алије, Ќамиле и Анифе.
За целото семејство тоа беше голем настан. На 18 август сите од фамилијата Мустафоски со нетрпение се построија пред селската џамија, очекувајќи го својот непознат роднина Алиреза Мурдевиѓан. Се прашуваа меѓу себе, како тој изгледа, што бичим е, дали е стар или млад? Пред тоа им јавија од иранската амбасада во Скопје дека нивниот човек ќе пристигне директно од Техеран каде што живее. Низ тесната уличка која благо се искачува меѓу убавите куќи се појавуваат џип и автомобил, заедно со телевизиска екипа. Знаат дека доаѓа тој. Од автомобилот излегува убаво, симпатично момче.
- Оња ќа е! Жими Ала, личен! - изусти 80-годишниот Арслан и се приближи кон момчето. Свои - никогаш невидени.
За миг сите замолчаа. Дојденецот и стариот Арслан ги вкрстосуваат очите, а потоа паѓаат во прегратка. Одеднаш надоаѓа река од солзи. Плаче младиот Алиреза, плаче стариот Арслан. Плачат сите. На сите им се кинат срцата. Алиреза го прегрнуваат сите.
Стариот Арслан цел живот се борел да ги извади на пат децата на својот брат Шабан, да ги омажи, додека Шабан во Иран започнал друг живот. Се женел уште два пати. Од третиот брак е симпатичниот Алиреза, кој откако дознал дека неговите корени се далеку во Македонија започнал да трага по нив, да се интересира за таа далечна земја. Прашувал многумина печалбари кои претпоставувал дека потекнуваат од родниот крај на татко му, за на крајот да се обрати во иранската амбасада. Како што им раскажуваше на присутните со помош на преведувач, порано слушал за Југославија, за тоа дека е убава држава, но потоа по нејзиното распаѓање, дознал дека корените треба да ги бара во Македонија, во новосоздадената држава, дека родното место Лабуништа се наоѓа крај убавото Охридско Езеро.
- Како изгледаше татко ми Шабан? Зошто ни било пишано никогаш да не го видиме, прашуваат неговите сестри кои изгледаат најмалку 40-ина години постари од него. Тој им го опишува, но не знае да им каже која била причината да ги напушти.
Семејството Мустафовци живее горе над селото. По топлите прегратки се искачуваат во нивната куќа. Разговараат спокојно, а Алиреза и луѓето од иранската амбасада ги нудат со планински чај. Од соседната куќа ечи песната "Зошто си ме мајко родила". Каква случајност, таа присутните ги потсетува на трагичната судбина на Шабан Мустафоски, кој пред точно 72 години му рекол збогум на Лабуништа за никогаш да не му се врати. Подоцна Стариот Арслан го фаќа внукот под рака и го води до селските гробишта. Заедно со неколкумина најблиски на гробот од неговиот дедо Риза, Алиреза става рози. Постила земја со саан. Се исправа и на арапски пее дуа. Подоцна во куќата на стариот Арслан се собираат комшии, роднини и пријатели. Тогаш Алиреза првпат изговори македонски збор. Се мачи да го изусти зборот Арслан. Го дели на слогови. Му помагаат и му велат речи: миџо (стрико). Тој тоа го изговара со големи тешкотии. "Да, овој ти е миџо, брат на татко ти", му објаснуваат.
Алиреза за момент излегува надвор. Преку мобилен зборува со своите во Иран. Преведувачот им преведува на присутните што тој им порачува на своите во Техеран: "Драги мои, во Македонија сум, во родното место на мојот татко. Овде е прекрасно, ќе ве земам и вас да ја видите оваа убавина, овие прекрасни мои луѓе". Им го кажува бројот за Македонија и бројот на неговиот стрико.
Додека го гледа како разговара, стариот Арслан размислува на глас.
-Еј, дуњалак, дуњалак! Ал сум в соне, ал на јаве? Ала личен, на ова нешто нити вервев. Зар, ја, Арслан Мустафоски на осумдесетгодишна старост дочекав да го вида мојот внук од брата ми Шабан? Мојот внук, да напрајт олкав пот, дури од Иран да дојт во Лабуништа? Коде си бабо Риза ова чудо да го видиш?
Си заминуваме од Лабуништа. Се поздравуваме со домаќините и гостинот. Започнаа да доаѓаат нови роднини. Алиреза е очигледно многу среќен што ги најде корените на својот татко, своите корени.