Падна вештачкиот ѕид на Голо Брдо
По цели 60 години, повторно е отворен преминот Џепиште-Требиште, кој, како што се сеќава 80-годишниот Амит, бил затворен како гром од ведро небо
По цели шеесет и две години, првпат жителите од областа Голо Брдо, од двете страни на македонско-албанската граница, поминаа преку преминот Џепиште-Требиште. Постарите добро се сеќаваат кога до 1948 година непречено поминувале во посета едни кај други, на свадби и на други домашни веселби, но и кога оделе на пазар во Дебар каде што ги продавале земјоделските и сточарските производи.
Нивната дамнешна желба и барање се реализира на 2 август кога делегација на Република Македонија првпат преминот го премина официјално .
- Со нашето поминување, нашето покажување на патните исправи практично означуваме една нова врска меѓу Република Македонија и Република Албанија, што е од исклучително значење за граѓаните на Голо Брдо - изјави Зоран Петров, заменик-министер за надворешни работи.
Во Требиште беше и македонскиот заменик-министер за локална самоуправа, Фарук Фератоски.
- Навистина ни е чест и задоволство што се наоѓаме тука на овој свечен момент, во овој прекрасен ден, на овој прекрасен простор. Тоа е еден народ кој во секој случај има заеднички корени - вели тој.
Сепак, најголемата радост е кај жителите од селата Отишани и Џепиште, и многуте села од албанска страна. Кај оние од Требиште, Острени, Тучепи... радоста е многу поголема
Овој пат што се направи за нас значи многу. Дебар ни е поблиску, не само за на пазар туку и кога сме болни, оти зиме ние сме отсечени од светот. Пат немаме, а снегови многу - вели Бајрам, кој не крие дека и досега од хуманитарен аспект и албанските и македонските погранични полицајци во тешки случаи дозволувале да се помине за да се спаси човечки живот.